Skip to main content

REVISITING
SKOPJE

Дигитален есеј
од Александар Шпатов

REVISITING SKOPJE

Дигитален есеј
од Александар Шпатов

 

Моето прво сеќавање за Скопје е за една парализирачка  забоболка. Со едни мои пријатели дојдовме на концерт на Таксират 2012, но нè задржаа на границата и од хостелот мораше директно да отидеме на концертот. На враќање од салата си купивме по еден „мегабургер“ од киоскот што работи 24 часа на железничката станица (со неверојатните три огромни плескавици, наместо со стандардната една.) Толку си ја раширив устата за да ја гризнам што еден час подоцна ми се воспали умникот. Воопшто не успеав да заспијам. Кога започна да се разденува излегов од хостелот и тргнав да барам аптека за да купам нешто против болка.

Во недела наутро во зима сè уште ништо не беше отворено, по улиците немаше ни кој да ме упати, така што во следните три часа продолжив со разгледувањето на знаменитостите на Скопје или барем на дел од нив околу Вардар – мојот единствен ориентир во градот во кој доаѓав за првпат. Околу девет часот првите продавници започнаа да отвораат. Се сеќавам дека си купив шише вода, но забот веќе толку ме болеше што дури не можев да ја отворам устата за да отпијам. Па, затоа кога до една црква од другата страна на Камениот мост видов отворена аптека, сето ова ми се причини како Божиќно чудо.

Аптекарката ми кажа дека студирала фармација во Бугарија, така што ме разбра без никаков проблем. Ставив аулин во шишето и некако отпив. Веднаш започна да попушта. Во меѓувреме ја видов таблата на црквата и се сетив дека после Велигден гледав едно видео на фејсбук за чудесното блескање на ореолите на светците. Влегов во Свети Димитриј, имаше неделна служба. Единствено јас од сите што присуствуваа таму ја разгледував старата вест за блескавите ореоли на инаку бескрајно зачадените икони. Службата беше на црковнословенски јазик и општо земено одеше на истиот начин како и во Бугарија. Но, токму тогаш започнаа да го читаат евангелието. На чист литературен македонски јазик.  

Нема да навлегувам во спорење за бугарскиот и македонскиот јазик, тоа останува во полето на дипломатијата. Само што ќе го признаам очигледното – за увото навикнатото на бугарски, сè останато на македонски јазик звучи ужасно смешно. Дури и една таква книга како Библијата. Но, и обратното е вистина, можеби во Свети Димитриј за првпат го сфатив тоа. Веќе немаше како евангелието да прозвучи на литературен бугарски јазик (иако пред еден век и нешто самите скопјани се бореле за тоа со гркоманите). За сите останати освен мене, ќе звучи неубаво и несериозно. За увото што е навикнато на македонскиот говор, сè што е на бугарски звучи неверојатно смешно.

Впрочем, како мал татко ми ме учеше дропки со следнава задача – ме прашуваше за родовите на бабите и дедовците и потоа ме тераше да му пресметам колку проценти Македонец сум всушност. Одговорот – родителите на дедо ми по таткова линија (Костурско) и мајката на баба ми по мајчина линија (Ресен). Една четвртина плус, една осмина. 25% + 12,5% или вкупно 37,5%.

И нормално, кога во текот на 2019 година се отвори можност да отидам на писателска резиденција во Македонија, не се поколебав ни за миг. Сакав вистински да ги почувствувам овие 37,5%, да проникнам во македонскиот говор барем малку подобро, а и во крајна сметка – да се обидам да го изживеам Скопје, најблискиот главен град до мојата Софија.

Пристигнав во една невидена жештина која се лепеше на облеката веднаш штом го подадеш носот надвор. Затоа, најчесто излегував само до продавница, а во текот на останатото време гледав македонска телевизија, се обидував да ја сфатам логиката на македонската азбука и правопис (во еден миг се навикнав дури и на недостигот на „Ъ“), дури и во зборови без ниту една самогласка како тврд или цврст) и ја гледав на интернет серијата „Преспав“, кој сè полесно успеваше да ме насмее, веќе не само поради самиот говор. Ми требаше малку време, се разбира, додека сфатам дека македонскиот збор вреден всушност не значи штетен, както на бугарски, што ми се чини дека е една од најдобрите метафори за сите спорови помеѓу Бугарија и Македонија.

Еден од првите Скопјани, со кои се запознав на пиво, беше Душко Крстевски – преведувачот на речиси сите нови бугарски автори. И повторно поради спорот, попрецизниот збор кога станува збор за поезија, ми објасни тој, не е преведувач, туку препејувач. Не да се преведува, туку да пее со нов глас, барем така јас го разбрав тоа препејување од бугарски на македонски јазик. Елегантниот начин светот на литературата да избега од светот на хардлајн дипломатијата. Скопското пиво ни одеше многу добро.

Со една брза прошетка приквечер ги поминав сите знаменитости околу Вардарот и таканаречениот Антички Дизниленд, кој вака или онака го имав видено и во онаа зимска недела со забоболката што ме парализираше. Од таму веќе започна вистинското задоволство за мене – разгранувањето на градот. Најпрво го запознав Дебар Маало, каде што беше и мојот стан. Со сите нејзини кафеани и барови, оваа населба беше вистинското срце на градот.  

Душко ме просветли за Силбо – секој град си има слично место што работи нон-стоп каде што можеш да отидеш за да каснеш нешто набрзинка. Во #ВоЖивоОдСофија, мојот зборник со раскази за Софија обратив специјално внимание на Сендвичите на плоштад Славејков и нивните легендарни принцези. Епа, со сигурност нивниот еквивалент во Скопје се дебармаалските сендвичи во Силбо. Во текот на еден месец престој овде ми се чини дека изедов еден куп од нив.  Всушност, точно наспроти Силбо се наоѓа и најсофиската точка во Скопје – таканаречената Универзална сала, донација од Бугарија по големиот земјотрес од 1963 година. Таа е целосна копија на зградата на софискиот циркус кој изгорел уште пред да се родам. (Нејзиното место на Солни пазар одамна е пополнето со нешто друго, но сепак дел од нејзините траги се зачувани. Во друг град и друга држава.)

Наскоро пристигнав и до „Книжевниот булевар“. Со писателката Фросина Пармаковска се познавав од саемот на книги во Лајпциг и се договоривме да се најдеме кај една од книжарницците таму. Седнавме на една маса заедно со неа и со Петар Андоновски и за не повеќе од еден час подоцна имав чувство дека покрај нас поминаа барем половината писатели и издавачи од Македонија. Булеварот навистина беше книжевен! 

Од Петар дознав дека гробот на вистинскиот Грк Зорбас всушност се наоѓа во Скопје. Ми вети дека околу последните денови од мојата резиденција ќе ме однесе таму и навистина отидовме до градските гробишта, преместени гроб по гроб и споменик по споменик после големиот земјотрес. Прошетка низ гробиштата – каков подобар начин градот навистина да се отвори пред тебе. Можеш да го почувствуваш градот исто толку колку и за време на неговите најважни туристички знаменитости.

Во меѓувреме, и самиот јас започнав да станувам нешто како скопски водич. Кој ли сè не се реши да ми дојде на гости во Софија, која сепак беше само на три часа пат со кола. Најпрво, еден колега кој неодложно сакаше да ја види куќата на мајка Тереза и да ѝ се поклони (уште додека беше сосем млад Адријан одбра да стане католик). Потоа, едно момче од Канада, со кое малку порано се запознав во Софија. Данијал го обиколуваше светот и читаше по една книга од секоја држава каде што ќе отидеше. За Бугарија го одбра англискиот превод на #ВоЖивоОдСофија, се поврза со мене за да му дадам автограм, а потоа се спријателивме, додека му ги покажував подобрите барови во Софија. Еднаш веќе ја имаше посетено Македонија, но сакаше да дојде повторно. Претпоставував дека неговиот избор за книга ќе биде некој од најпознатите македонски автори како Лидија Димковска или Гоце Смилевски, но излезе дека тоа е Spectator на Жарко Кујунџиски, чија издавачка куќа точно наспроти мојот стан. Кога пристигнав, се разбира дека домаќинот Владимир Јанковски ме запозна и со Жарко кој пак од своја страна ми го подари Spectator на македонски јазик (мојот личен прв буквар за јазик). Потоа јас му средив на Данијал за автограм.  

Исто така дојде и мојата девојка. Веќе имав омилени места како во Дебар Маало, така и во старата чаршија и најпосле имаше со кого да ги споделам. Во петокот, истата таа седмица дојдоа и две коли со пријатели за да можеме заедно да ја откриеме ноќната сцена на Скопје (и лудите таксисти исто така). На крајот на вечерта јас им го покажав Силбо и навистина веќе започнав да се чувствувам како локален водич.

Дојде и времето за моето претставување пред публиката во рамките на писателската резиденција. Долго се чудев што да направам, сепак моите раскази се за Софија и не верував дека некому во Скопје темата ќе му биде многу интересна. Потоа ми текна следново: #ВоЖивоОдСофија започнува со еден расказ – вовед, во кој ги набројувам сите секојдневни нешта, околу стотина што човек може да ги направи за да може вистински да го изживее градот. Линкот со текстот сè уште се појавува горе-долу околу 17 септември – празникот на градот со кој ние Софијанците најмногу се гордееме. Зошто да не направам нешто слично и за Скопје? Најпосле, јас веќе се чувствував речиси локалец, станав дури и водич за моите пријатели, а и еден месец резиденција воопшто не е малку време (колку и да сакам да патувам, пред Скопје 2019, никогаш не сум отсуствувал толку долго од мојот град). Со малку џокери од Душко, Фросина и Петар еве што прочитавме на мојата промоција во книжарницата Антолог на Книжевниот булевар и мислам дека е актуелно дури и до ден денес:

Да го изживееш Скопје:

Да го преминеш Вардар по Камениот мост,

ноќе на балконот со глетка кон неонскиот крст на врвот,

да го искачиш Водно следниот ден пешки, а за награда – една лименка

Скопско на врвот и потоа – селфи со Скопје (а исто така и контраселфи од кулите на Калето),

шок од Скопје 2014, особено од флотата во реката,

потоа – задолжителен спор за античката наспроти бруталистичката архитектура,

со кајче по Матка,

шлаење преку ден низ Чаршија,

шетање по барови низ Дебар маало после 9 часот и на крајот -

летна дискотека во Градскиот парк после полноќ,

да се поклониш на гробот на Гоце, потоа – и во куќата на Мајка Тереза, најпосле – на гробот на Зорбас,

МЗТ – Работнички,

да викаш за ФК Вардар,

или секоја година на твоите омилени групи на Таксират,

да го видиш часовникот на старата железничка станица точно на 5:17,

средба на Рекорд или на плоштад Македонија,

Велигден во Свети Климент,

неделна прошетка до Свети Пантелејмон,

да ги видиш златните ореоли на светците во Свети Димитриј,

да ги слушнеш муезините од стереоминарињата во северниот дел,

со ролери на кејот или со велосипед насекаде,

книга од Книжевниот булевар (најсигурно од Или-Или и Антолог),

утринска шкембе чорба во Чамо, ќебапи во Турист, дебармаалски сендвич во Силбо, боза во Апче, крофни од Хром, на пијалок во Лонг Плеј.

Да најдеш пријатели овде (не познаници) – и само ова да е, сепак е доволно.

Преводът от български е на Душко Кръстевски.

Александар Шпатов е роден 1985 година во Софија. Завршил Амрикански колеџ и специјализирал право на Софискиот универзитет. Од 2019 година е докторант по Теорија на читање (повторно на Софискиот Универзитет). Автор е на збирките раскази #ВоЖивоОдСофија (2014), издадена на бугарски и англиски и Том 2.0 (2015), во кој се собрани најважните раскази од неговите први три книги: Фусноти (2005), Раскази во фусноти (2008), издадена исто така и на германски јазик во текот на 2011 и Календар со раскази (2011). Добитник е на наградите „Јужна пролет“ (2005) за најдобар дебитант, како и Градската награда за литература (2015). Во текот на 2020 под негово редакторство излегува од печат зборникот Првите 20, во кој се поместени дел од најзначајните бугарски раскази на новиот милениум. Претседател е на здружението на градски читални, која има за цел промовирање на читањето со иницијативи како читаАлната во Софискиот градски парк, кампањите за донација книги за библиотеките во Бугарија и организирани литературни прошетки

Фотографии од © Александар Шпатов
Фотографија "Музеј на Град Скопје" © Diego Delso, delso.photo, License CC-BY-SA

Проект менаџер: Barbara Anderlič
Дизајн: Бери